Косово се повлече од учеството на регионален самит во Прага, соопштија чешките власти по изјавата на чешкиот претседател Милош Земан, кој водачите на оваа земја ги нарече воени злосторници.
Делегации на влади од неколку земји на Западен Балкан во четврок во Прага ќе се состанат со чешкиот, унгарскиот, полскиот и словачкиот премиер, пренесува хрватски „Индекс“.
„Косово испрати дипломатска нота во која се извинува за отсуството откако претходно го потврди учеството“, соопшти Јана Адамцова, портпарол на чешката влада.
Во вторникот, медиумите објавија дека Земан, за време на посетата на Белград, му кажал на српскиот претседател Александар Вучиќ дека му се допаѓаат Србија и српскиот народ, додавајќи дека не го сака Косово. Тој исто така најавил преиспитување на можноста Прага да го повлече признавањето на независноста на Косово.
„Земја која ја водат воени злосторници не би трабало да биде во зедница со демократски држави“, додал Земан, кој е познат како симпатизер на руската и кинеската надворешна политика.
Министерот за надворешни работи на Чешка, Томаш Петричек, во средата изјави дека не е во интересл на Прага да се промени одлуката од 2008 година за признавање на Косово како независна држава.