Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска престојуваше во работна посета на германската сојузна покраина Баварија. Посетата се реализира на покана на претседателот на Комисијата за европски прашања во баварскиот парламент.
Во рамките на посетата, ЗМНР Жерновски информираше за постигнатите резултати во реформските активности од европската агенда на Северна Македонија, за внатрешно политичките случувања и добрососедските односи. Беа остварени и повеќе поединечни средби со пратениците од баварскиот парламент, при што беше истакнато значењето на донесувањето на одлуката за датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија во октомври оваа година.
„Европската перспектива за Република Северна Македонија е мотор за позитивни промени. Одлуката во октомври е важна за нас, за вас и за целиот регион. Датумот за почеток на преговори ќе биде заеднички успех, македонски и европски”, истакна Жерновски на средбите.
Оваа Влада е фокусирана на реформите, да ја направи државата стабилна и сигурна, членка на НАТО и ЕУ, економски силна, во која младите ќе ја препознаат својата шанса и ќе бидат граѓани со достоинствен животен стандард, беше изјавено од страна на Жерновски на средбите.
За време на работната посета, ЗМНР Жерновски оствари средби и со министерот за економија на Баварија, Хуберт Аивангер, министерот за животна средина, Торстен Глаубер и со министерот за образование Михаил Пазоло. Голем дел на разговорите беше посветени за унапредување на билатералната и економската соработка со Баварија.
Во тој контекст, се разговараше и за Заедничката комисија на Северна Македонија – Баварија, како одлична можност за продлабочување на економската соработка, како и за искористување на големиот инвестициски потенцијал кој оваа развиена и просперитетна германска сојузна покраина го има.