Американскиот Стејт департмент соопшти дека ја одобрил понудата во вредност од 6,5 милијарди долари за продажба на 32 борбени авиона „Ф-35“ на Полска.
Продажбата на авионите би го зголемила придонесот на Полска во НАТО и би ја намалила нејзината зависност од руска воена опрема, се вели во соопштението на официјален претставник на Стејт департментот.
Според агенцијата „Ројтерс“, во април Пентагон му предложил на Конгресот да размисли за продажба на авиони од американскиот „Локид Мартин“ на земји членки на ЕУ или НАТО.
Конгресот тогаш како можни купувачи ги навел Грција, Романија, Шпанија или Сингапур, потсетува „Ројтерс“.
Одлуката на Стејт департментот да ја прифати понудата за продажба на авиони во Полска доаѓа неколку дена по посетата на американскиот потпретседател Мајк Пенс на оваа земја по повод одбележувањето 80 години од почетокот на Втората светска војна.