Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, изјави дека постои ризик од нуклеарна војна, истакнувајќи дека негативниот тренд стана особено забележлив годинава, пренесува „Спутник“.
„Ситуацијата со стратешката стабилност продолжува да се влошува. За жал, тоа е непобитен факт. Ризиците се зголемуваат и постои ризик од избивање нуклеарна војна, дури и ако страните немаат намера на почнување нуклеарен конфликт“, рече Рјабков во говорот во Москва.
Тој исто така рече дека се чини оти Вашингтон избегнува да работи со Москва на новиот договор за намалување на оружјето СТАРТ.
„Дејствата на нашите западни колеги стануваат сè поемотивни и, на моменти, прилично агресивни“, рече тој, додавајќи дека договорот може да стане следната жртва на американскиот нагон да се ослободи во областа на контролата на оружјето.
Москва претходно предупреди дека САД ја загрозуваат глобалната безбедност со повлекување од стратешките договори или одбивајќи продолжување на истите бидејќи светот останува без ниту еден документ што ја регулира сферата на нуклеарното вооружување.



