Ќе отвори ли ЈО предмет по заканувачката изјава на Мицкоски во која мавташе со материјали од тајна истрага обезбедени на криминален начин?
По изјавата на Мицкоски дека поседува материјали од тајна истрага, бурни реакции од јавноста. „Стекнувањето и злоупотребата на материјали што се дел од истражна постапка е криминал. Крајно неприфатлива е и злоупотребата на поимот укажувач и криењето зад тоа. Однесувањето на некои политички субјекти и лидери во земјава е крајно неодговорно и противзаконито. Мора да одговараат!“ – е само една од многуте реакции во јавноста пишува Цивилмедиа.
Адвокатот Александар Новаковски, во вчерашната „Топ Тема“ на Телма изрази сериозна загриженост од протекувањето документи од обвинителството за гонење организиран криминал: „Може многу да дојде сериозна ситуацијата, да бидат загрозени и животи. Со овие работи не смее да се игра јавно. Еве, јас на пример, како бранител, кога го слушам ова, јас сум сериозно загрижен. Како може некој да ги поседува тие документи, ако се веродостојни?“
„Апсолутно е кривично дело ако некој ги изнел сите документи за оваа постапка. Таков е законот, постапката е тајна и не смее да се изнесува.“ – укажа адвокатот Тортевски за „Топ тема“.
Насер Зибери смета дека лидерот на опозицијата се заканува со вчерашната изјава во која мавташе со материјали од тајна истрага и го повика јавното обвинителство да отвори предмет: „Во прв ред треба јавното обвинителство да отвори предмет по изјавата, да земе исказ, од каде му се , што има, со што располага, дали ќе се потврдат или демантираат?“
„Ова е сериозна закана со која може да се наштети и процесот, но да има и политички импликации“, истакна поранешниот пратеник и министер Насер Зибери.
„Поседување на изјави од предистрага и наредби од истрага е кривично дело бидејќи оној што ги дал тие документи не е свиркач туку прави кривично дело. Многу е веројатно дека Обвинителството за гонење на организиран Криминал и корупција ќе го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да објасни како ги добил овие документи“, изјави вчера Обвинителството за организиран криминал и корупција за Телма.
Дали ЈО ќе отвори предмет и ќе ја разјасни дилемата како документи прибавени на криминален начин дошле во посед на лидерот на опозицијата Мицкоски? Дали тајните документи прибавени на криминален начин се чуваат во „Белата Палата“ на ВМРО-ДПМНЕ, која претставува имот замрзнат по барање на СЈО?
Тоа се прашања на кои јавноста има право да добие одговор.
И ЦИВИЛ, организација за човекови права и слободи, што спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси и состојбите на човековите права, изразува длабока загриженост и бара од институциите да реагираат решително навремено, соодветно на законите, а не на статусот на одделни лица што за себе мислат дека се неказниви.
„Граѓанките и граѓаните се засегнати со тоа како функционираат институциите, но и како дејствуваат центрите на моќ и политичките партии. Законот мора да важи за сите, па така и за политичките лидери. Тие мора да бидат пример за тоа како се поддржуваат и почитуваат институциите и да даваат придонес кон владеењето на правото, а не да газат по сите придобивки на демократското општество. Стекнувањето и злоупотребата на материјали што се дел од истражна постапка е криминал. Крајно неприфатлива е и злоупотребата на поимот укажувач и криењето зад тоа. Однесувањето на некои политички субјекти и лидери во земјава е крајно неодговорно и противзаконито. Мора да одговараат!“ – изјави Џабир Дерала, ЦИВИЛ.