Седиштето на Секретаријатот на транспортната заедница на Југоисточна Европа беше отворено денеска во Белград, во присуство на српскиот премиер Ана Брнабиќ.
На отворањето на седиштето на Секретаријатот во Белград присуствуваа вицепремиерот и министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Зорана Михајловиќ, европскиот комесар за транспорт Виолета Булц, вршителот на должноста директор на транспортната заедница Ален Барон и шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабрици. Основањето на транспортната заедница беше договорено и потпишано во 2017 година, како дел од Берлинскиот процес.
-Сакам да им се заблагодарам на сите партнери во регионот што не поддржуваа и што не не спречуваа да го сториме тоа, рече Брнабиќ.
Како што рече таа, денеска сите заедно испраќаат важна порака дека можеме успешно да работиме со сите партнери во регионот и да најдеме начини да ги надминеме пречките и да имаме подобра иднина. Договорот за основање на транспортната заедница беше потпишан во Трст во јули 2017 година, а во декември 2017 година, на министерскиот состанок за транспортна заедница во Брисел, Белград едногласно беше избран за седиште на постојаниот Секретаријат.