Поборниците за независност на Каталонија нападнаа четворица новинари од шпанските медиуми за време на протестите пред регионалниот парламент во Барселона, покажаа снимки објавени еден ден подоцна, кога шпанското здружение на новинари ги осуди настаните.
Репортерката Анхела Гарсија Ромеро од шпанската јавна телевизија РТВЕ била погодена со камен или конзерва додека се јавувала во живо од местото на настанот во средата.
Демонстрантите ѝ упаѓале во кадарот попречувајќи ги снимањето и емитувањето.
Дајана Мата, репортерка на приватната телевизија Антена 3, и нејзиниот снимател исто така биле навредувани и физички попречувани за време на емитувањето, пренесува Europeanjournalists.org.
„Агресијата е неприфатлив напад врз слободата на изразување и информирање, темел на демократијата. Овие нови напади врз новинарите потврдуваат дека слободното известување во Каталонија се соочува со големи ограничувања“, објави Шпанската федерација на новинарски здруженија (ФАПЕ).