Силно невреме и дожд го погодија вчера истокот на Шпанија, а во големата стихија загинале најмалку две лица, пренесува „Гардијан“.
Тамошните итни служби соопштија дека двете лица – 51-годишна жена и нејзиниот 61-годишен брат – биле пронајдени мртви под автомобил кој се превртел кај Каудете, стотина километри јужно од Валенсија.
Тие се возеле кон гратчето Ла Фонт де ла Фигуера, околу 85 километри југозападно од Валенсија.
Црвениот аларм е сè уште активен во провинциите Алмерија, Аликанте, Валенсија и Мурсија, предупреди шпанскиот метеоролошки институт.
Повеќе од 200 војници и 100 воени возила се распоредени во погодените области за да им помогнат на цивилните власти, соопшти војската на „Твитер“.
Противпожарната служба на Валенсија информира дека спасувачките екипи спасиле три лица од река. За време на спасувачката операција, четворица полицајци биле повредени, а едно лице од реката било извлечено со хеликоптер.
Силното невреме се очекува да продолжи и денеска во шпанските региони Валенсија, Аликанте и Мурсија.