Ретката маска и шлем на Дарт Вајдер, носени во еден од претходните филмови „Војна на ѕвездите“, ќе бидат понудени на аукција кон крајот на овој месец заедно со очилата на Хари Потер.
Два костима од „Титаник“, кои ги носеа sвездите Кејт Винслет (43) и Леонардо ди Каприо (44), заедно со костимот на Дороти од „Волшебникот од Оз“, исто така се на аукција, а ќе ги понуди аукциската куќа „Профајлс ин хистори“.
Маската и шлемот на Дарт Вајдер се проценува дека ќе се продадат за најмалку 250.000 долари и најмногу за 450.000 американски долари, што значи дека може да достигнат една од највисоките цени досега за примероците од колекцијата „Војна на ѕвездите“.
Аукциската куќа наведува дека маската и шлемот ги носеше британскиот актер Дејвид Проус (84) на сетот на епизодата „Империјата го возвраќа ударот“. Тој физички го играше негативецот во првите три филма на научнофантастичната сага.
Очилата што ги носеше Даниел Редклиф (30) во првиот филм од 2001 година „Хари Потер и каменот на мудроста“ се очекува да постигнат цена од 30.000 долари.