Министерството за правда нема надлежност за утврдување на автентичноста на потписот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на писмата кои беа испратени од неа до СЈО и до републичкото Јавно обвинителство, рече министерката за правда Рената Дескоска.
-Писма, јас колку што знам, се упатени и до СЈО и до Републичкиот јавен обвинител. Вие знаете дека сите носители на јавни функции кои потпишуваат во рамки на институциите имаат депонирано потпис. Значи јас кога потпишувам во Министерството за правда луѓето кои работат во архива го знаат мојот потпис и не викаат графолози за да видат дали е тој мој потпис, туку ставаат печат. Така што луѓето кои работат во СЈО го знаат потписот на обвинителката исто така и оние кои добивале дописи од нејзина страна во Републичкото обвинителство мислам дека тука не треба да се отвора тема затоа што нема тема. Нема дилема и сомневање, изјави Дескоска одговарајќи на новинарско прашање денеска по означувањето на почетокот на твининг-проект што ќе обезбеди поддршка за Јавното обвинителство во зајакнувањето на истражните центри.
Според неа, зависи за каков тип на документ станува збор. Додаде дека за документи за кои се потребни за да произведат правно дејство да бидат заверени на нотар тогаш навистина во притворски одделенија влегуваат нотари и заверуваат.
-Нема дилема и нема спор дека луѓе кои биле во притвор потпишувале документи. За некои тип на документи им ги носат, само ги потпишуваат, а некои ако самиот акт за да произведе правно дејство треба нотарска заверка во тој случај. Во овој случај никогаш и никаде во Законот не стои дека таа кога предава предмети или кога дава согласност за предавање на предмети треба нотарска заверка, истакна Дескоска.
Во врска со законот за јавно обвинителство, министерката за правда посочи дека заокружување на процесот на носење на законот треба да значи заокружување на реформите во сферата на правосудството со цел, како што додаде да не се остави никаква можност која било земја членка да стави приговор на нашето барање за отворање на преговори врз основа на техничка причина, односно не донесен закон за јавно обвинителство.
-Од аспект на ургентноста која што беше пред предавањето на предметите, ургентност која што ќе значеше што после 15-ти септември сега веќе е поизвесно, значи тој дел на потреба од брзање или потреба од ургентност отпадна со случувањата коишто ги гледавме и бевме сведоци последните две недели, така што тој процес на предавање на предметите гарантира дека предметите ќе продолжат, истакна Дескоска.
Но сепак, како што посочи, процесот на носење на законот беше потребен не само да се обезбеди континуитет на предметите на СЈО, туку беше и дел од она што значи стратегија за вкупни реформи во правосудството. – Сметаме дека е добро, сега не е неопходно, но би било добро да се донесе законот, додаде таа.
Министерката за правда рече дека неформални средби и консултации постојат и овие денови, а не само денеска.
– Неформални средби и консултации постоеја и претходниве денови. Ќе видиме дали ќе биде преку средба, можеби само ќе биде испратен законот чисто за да седнат политичките партии и рефлектираат врз основа на пишан текст. Тоа е интервенција врз законот што веќе е во Собрание. Внесени се оние измени за коишто разговаравме на лидерската средба, додаде Дескоска.
Говорејќи за постапувањето по предметите на СЈО, Дескоска рече дека не би требало да има разлика во делот на постапувањето без оглед дали на Јанева ќе и престане мандатот по сила на Законот или, пак, ќе биде разрешена.
-Потребно е само предметите да бидат навреме трансферирани со цел да не се остави никаква дилема кој ќе го потпише трансферот, како ќе се изврши, значи да има пристојно време да се завршат техничките детали на тоа пренесување на предметите, додаде министерката за правда.