Партијата Заедно за Србија (ЗзС) на Небојша Зеленовиќ објави денеска дека донела одлука да не учествува на следните избори пролетта 2020 година.
-Свесни за одговорноста за иднината на земјата, направивме се што е во наша моќ да се дојде до создавање на услови за слободни и фер избори. Имавме конструктивен и добронамерен пристап и на тркалезните маси на власта и опозицијата на ФПН, и во контактите со претставниците на меѓународната заедница, но (српскиот претседател Александар) Вучиќ реши да ја втурне земјата во длабока криза со одржување на лажни избори, се наведува во соопштението на ЗсС.
Партијата истакна дека Александар Вучиќ е целосно одговорен за последиците од таквата одлука.
-Ние сакаме промена на власта на избори, а не на улица, и затоа ќе ги вложиме сите сили во борбата за слободни и фер избори, кои мора да се одржат најмалку девет месеци откако ќе се воспостават услови за такви, вистински, избори, а тоа под притисок на граѓаните ќе се случи многу побрзо отколку што Вучиќ мисли, се додава во соопштението.
Партијата ЗзС на градоначалникот на Шабац, Небојша Зеленовиќ, е четвртата партија од Сојузот за Србија (СзС) која официјално објави дека ќе ги бојкотира претстојните избори.
Одлука за бојкот на изборите прво донесе Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, потоа движењето Двери на Бошко Обрадовиќ, а потоа и Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас. Бојкот најави и иницијативата „Да не го давиме Белград” , како и организаторите на протестите „1 од 5 милиони”.
Најава дека наскоро ќе објават бојкот на изборите, даде и претседателот на Демократската странка (ДС) Зоран Лутовац, како и други партии и политички организации.