Актуелната состојба во мигрантското/ бегалското прашање, податоците за зголемените бранови и големите проблеми што ги наследила сегашната влада им ги презентирал на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Атина, алтернативниот министер за цивилна заштита, надлежен за миграциска политика Јоргос Кумуцакос и информирал за иницијативите и политиката што грчката Влада планира да ги спроведе како на европска, така и на меѓународна сцена, jави дописничката на МИА од Атина.
Кумуцакос, како што соопштуваат од неговиот кабинет, потенцирал дека прашањето не е грчко, туку,пред сѐ, европско и како такво треба да се третира под призмата на принципите на солидарност и одговорност.
За солидарноста рекол дека се однесува на подобра заштита на границите и праведно распределување на товарот меѓу европските партнери.
-Во однос на заедничката декларација ЕУ-Турција од 2016 година, Кумуцакос потенцираше дека сите инволвирани страни мора активно да ги преземат нивните одговорности. Турција да ги искорени мрежите на криумчари и да не дозволи отворање на нови миграциски патишта кон Европа. Грција да спроведе суштинска политика на враќања. Европа да го направи она што траба, според предвиденото во заедничката декларација, која е од клучно значење и е неопходно и ефикасно спроведување, соопштуваат од кабинетот на надлежниот грчки министер за миграциска политика.
Според последните официјални податоци од грчката Влада, за само три дена, од понеделникот до средата, на грчките острови во источниот дел на Егејското море, пристигнале над 1.000 бегалци и мигранти.
Во понеделникот биле регистрирани 293 нови пристигнувања, во вторникот 280, а во средата 603.