Поетесата Александра Димитрова е овогодишната добитничка на наградата „Антево перо“ за поетскиот ракопис „Дупка“. Одлуката ја донесе оценувачката комисија во состав: проф. д-р Венко Андоновски (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски.
Годинава, покрај наградата „Антево перо“, која подразбира печатење на наградениот поетски ракопис, оценувачката комисија, имајќи ја предвид извонредно квалитетната поетска продукција, реши да додели и две придружни награди „Антев златник“. Станува збор за златник со ликот на поетот Анте Поповски, кој ќе им биде врачен на Михајло Свидерски, за поетскиот ракопис „Граници“ и на Сузана В. Спасовска, за поетскиот ракопис „Јазикот на светлината“.
– Наградената стихозбирка „Дупка“ од Александра Димитрова покажува веќе зрел, софистициран поет, еден хиперсензибилен поетски сеизмограф кој ги бележи и најситните треперења на харфата на човековта душа. Тие емотивни треперења на струните на таа скапоцена поетска харфа, во сите тоналитети, од најмрачните (смртта) до најсветлите (љубовта), поетесата ги нотира во високософистициран поетски идиом, кому интелектуализацијата му е главен виолински клуч. Интелектуално задлабочена како кај Ханс Магнус Енценсбергер, емотивно растреперена како кај Сергеј Есенин, свртена кон апсурдот на животот како кај Албер Ками, еротизирана на места како кај Анаис Нин, а меланхолична, архи-носталгична и криптографски поставена како кај Анте Поповски, оваа поезија, во овој миг претставува навистина нова вертикала на македонското поетско писмо. Тоа е поетска изохипса чија височина изненадува со оглед на релативно младата уметничка возраст на поетесата, но и обврзува на висока поетска функционална писменост за секој кој сака да ја следи или да се натпреварува со неа – , се вели во образложението.
Михајло Свидерски, извонредно квалитетен поет (кој и лани високо котираше кај оценувачката комисија), понудува ракопис под наслов „Граници“. Тоа е поезија на таканаречен максимален минимализам, во која со еден „телеграфски стил“, но и со висока интелектуална оркестрација се третира националната тема на македонскиот егзодус, во буквална и во фигуративна смисла.
Сузана В. Спасовска пак, во стихозбирката „Јазикот на светлината“ ни понудува една поетска космологија на светлината, нејзина митска анатомија, повторно (како и кај Димитрова и Свидерски) преку еден изразено интелектуализиран поетски идиом, кој не само што не им пречи на чувствата, туку напротив, ги доведува до усвитен емотивен апсурд.
Од оваа година, оценувачката комисија ја востановува и наградата „Антев часовник“, за млади поети до 25 години, со цел дополнително да се стимулира творештвото на најмладите наши таленти.