И Северна Македонија и Србија имаат можности и перспективи во руралниот туризам, имаат добра храна и пијалаци. Во таа насока, треба да разменат искуства и да развиваат нови туристички производи, беше речено на меѓународната научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21. Век” во Штип.
-Со новите туристички производи ќе можеме да ги привлечеме туристите кои сакаат да побегнат од урбаните средини, а од друга страна да го понудиме она што го имаме како компаративна предност пред останатите дестинации, изјави деканот на Факултетот од Врњачка бања, Драган Цвијановиќ.
Најновите трендови во туризмот и бизнис логистиката беа дел од темите на конференцијаташто ја организира Факултетот за туризам и бизнис логистика (ФТБЛ).
Деканот на ФТБЛ, Никола Димитров истакна дека годинава, во организацијата како партнери се вклучени и Универзитетот „Свети Климент Охридски” – Битола, Факултетот за туризам од Охрид и Факултетот за хотелски менаџмент и туризам од Врњачка Бања (Универзитет Крагуевац).
-Пријавени се 63 автори со 36 трудови од пет држави. Имаме презентации поделени во две сесии. Туризмот претставува светски процес во кој и ние како држава, но и како регион, имаме водечка улога да го развиваме тој туризам. Покрај теми од туризмот, имаме и неколку трудови од бизнис логистиката, рече Димитров.
Учеството на Факултетот за туризам од Охрид и Факултетот за хотелски менаџмент и туризам од Врњачка Бања е резултат на Договорот за соработка што го имаат потпишано со ФТБЛ:
Поддршка за конференцијата, како и минатата година, обезбеди и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
-Токму ваквите научни конференции се шанса за размена на меѓународните искуства и регионалното поврзување. За два месеци, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот заедно со туристичките организации на Србија и Црна Гора ќе учествуваат заеднички на престижен Азиски саем за туризам, каде ќе се понудат заеднички комплементарни туристички тури, нагласи директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски.