Четириесет и четвртиот Млад отворен театар (МОТ) почнува вечерва, а ќе трае до 21 септември.
Фестивалот, со почеток од 20 часот во МКЦ, ќе го отвори „Оваа зграда зборува (на)вистина“, добитник на прeстижната награда што се доделува на Прашкото квардиенале за дизајн во сферата на перформансот, сценографија и театарската архитектура.
Перформансот е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео насловено „Кино култура“ и двојазична публикација.
По „Оваа зграда зборува (на)вистина“ следува диџеј сет на добро познатиот Оливер Митковски.
Вториот дел од програмата за отворањето на првиот ден на МОТ е на малата сцена на НОБ со „Девојчето со жиците“. Драма-опера напишана од Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска за виолинистка, која патува со воз низ Европа. Референцата по Андерсеновата „Девојчето со кибритчињата“ е на повеќе нивоа.