Пакистанскиот премиер Имран Кан денеска го предводеше протестот во делот од Кашмир што е под контрола на неговата земја, за да ја осуди одлуката на Индија од минатиот месец за одземање на специјалниот автономен статус на другиот дел од спорниот регион, пренесе ДПА.
Десетици илјади луѓе учествуваа на собирот што е досега најсилен протест по одлуката на властите во Њу Делхи од 5 август за анексија на индискиот Кашмир.
Кан го осуди безбедносното „заклучување” на оваа долина под Хималаите, каде повеќе од еден месец има делумен прекин на интернет и телефонски врски, а воведени се и рестрикции за движење на луѓето.
Пакистанскиот премиер својот индиски колега Нарендра Моди го нарече „кукавица” заради напади врз жени и деца во Кашмир.
Протестот се одржува еден ден откако еден пакистански војник беше убиен во најновата размена на оган со индиските трупи во Кашмир, соопшти армијата.
Престрелката се случи преку контролната линија, која де факто е границата што долината ја дели на парчиња што ги контролираат двете држави.
И двете земји тврдат дека има право врз целиот Кашмир, спор што е причина за две од трите војни меѓу јужноазиските ривали од нивната независност од Велика Британија во 1947 година.
Смртоносни гранични престрелки се зголемуваат по одлуката на индиската влада, која го налути Пакистан.
Пакистан реагираше со намалување на дипломатските односи со Индија, суспендирајќи ја билатералната трговија и запирање на прекуграничните транспортни услуги, јави ДПА.