Во функција на подобрување на односите и соработката помеѓу Република Северна Македонија и Република Казахстан, Министерството за правда на Република Северна Македонија и Генералното обвинителство на Република Казахстан денеска во Министерството за правда потпишаа три билатерални договори за меѓународна соработка и помош. Потписник на овие договори беше министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска и Генералниот обвинител на Република Казахстан, г. Гизат Нурдаулетов.
На средбата, министерката Дескоска истакна дека и претставува голема чест и задоволство да ги потпише билатералните договори од областа на меѓународната правна помош. Станува збор за три договори за соработка:
– Договор помеѓу Република Северна Македонија и Република Казахстан за екстрадиција;
-Договор помеѓу Република Северна Македонија и Република Казахстан за меѓусебна правна помош во кривичната материја, и
-Договор помеѓу Република Северна Македонија и Република Казахстан за трансфер на осудени лица.
“Потпишувањето на овие договори е од големо значење за нашата држава и по нивното стапување во сила нема да биде оставен никаков простор за избегнување на правдата со искористување на правен вакуум помеѓу двете држави. Со потпишувањето на овие три договори затворивме уште една рута од патот кој Република Северна Македонија го оди во борбата против криминалот и отворивме врата за успешна соработка помеѓу двете држави“ – истакна министерката Дескоска.
Од осамостојувањето, Република Северна Македонија со Република Казахстан немаше склучено билатерален договор, а со оглед дека Република Казахстан не е потписник на конвенциите од областа, помеѓу државите претходно не постоеше правен основ за постапување по предметите за Екстрадиција, трансфер и меѓусебна правна помош.
Процесот на склучување на договорите беше долг, почнувајќи од првобитната иницијатива на колегите од Република Казахстан за склучување на Договор за екстрадиција и Договор за трансфер од декември 2012 година, и Договорот за меѓусебна правна помош од септември 2017 година, кои денес успешно ги завршивме со потпишување на договорите.
Се’ поголемото слободно движење на луѓето и капиталот покрај очигледните придобивки носи и предизвици. Неспорен е фактот дека во современиот свет криминалот не познава граници.
Со експанзијата на кривични дела со странски елемент во последните децении, степенот на меѓународната правосудна соработка во казнената област добива нови размери, а Република Северна Македонија ги следи сите меѓународни трендови во кривичната област.
Во овој период Министерството за правда работи на цел пакет на закони со кои се предвидуваат бројни реформи се со цел на зголемување на ефикасноста на органите на кривичниот прогон и судството, како и унапредување на соработката на меѓународно ниво.