Преку ИПА фондовите, со првата и втората програма, досега се реализирани 450 проекти во вкупна вредност од 557 милиони евра. Со ИПА три програмата веќе станува извесно дека успешноста на државава да ги користи парите што се на располагање од европските фондови и да обезбеди одржливост на финансираните проекти ќе влијае на можностите да добива средства од европските даночни обврзници за други инвестиции и проекти.
Тоа се дел од укажувањата изнесени денеска на конференција во Скопје, на која експерти од Министерството за финансии пред градоначалници и директори говореа за предизвиците за одржливоста на проектите.
Фрек Јанмаат, претставник на Делегацијата на Европската унија во државава, потенцираше дека неодржливоста на проектите може да резултира со повлекување на поддршката од даночните обврзници од земјите членки на Европската унија.
Позитивно е, како што рече, тоа што Северна Македонија е единствена држава од Западен Балкан којашто во своето законодавство има преземено обврска да ја осигура одржливоста на проектите имплементирани со европски средства. – Тоа го поздравувам, а друг начин да осигурате одржливост е да се спроведуваат ревизи, рече Јанмаат.
Според него, некои од проектите во држваава функционираат одлично во однос на одржиливоста, а други имаат потешкотии.
– Ова не е карактеристика само за Северна Македонија и подеднакво важи за сите земји што ја користат ИПА поддршката. Главната одговорност за одржливоста е кај крајните корисници, оние кои директно ги користат услугите од разните ЕУ проекти. Крајната последица, директно поврзана од небрежност од страна на корисникот и намалување на резултатите, е тоа што Комисијата може да побара поврат на средствата. Тоа е нешто што би сакале да го избегнеме, истакна претставникот на ЕУ.
Најважно, укажа, е граѓаните и компаниите да имаат долготрајни бенефити од тие проекти и да се избегнат ситуации во кои ќе треба да се вратат средства.
Според заменик министерката за финансии Ширет Елези, во 13- годишната примена на ИПА инструментот за индиректното управување во ниту еден момент не попуштила посветеноста и ентузијазмот и големото ниво на професионалност.
– Свесни сме дека комплексноста на поставеноста на системот за индиректното управување односно вклученоста на бројните институции во процесот доведува до отежнување на управувањето на проектите. Наш приоритет се и остануават да бидат проектите од национален интерес, осбено во областите транспорт, животна средина и климатски промени, социјала, образование, владеење на правото, рече Елези.
Таа потенцираше дека ИПА инструментот обезбедува значајна финансиска поддршка на стратешките приоритети на државата, со што се намалува фискалниот товар во Буџетот, но и се овозможува промовирање на значајните реформи во сите сегменти значајни за членството во ЕУ.