Северна Македонија и Албанија заслужуваат отворање на преговорите за членство во ЕУ, вели во интервју за црногорскиот весник „Вијести” еврокомесарот Јоханес Хан, кој наскоро го напушта ресорот проширување и добрососедска политика во ЕК.
Северна Македонија, смета Хан, направи значителен напредок, а најзначајно е потпишувањето на Договорот од Преспа и решавањето на спорот со Грција.
– Преспанскиот договор со кој беше ставен крај на долгогодишниот спор за името е нешто што треба да биде вклучено во книгите по историја. Кога ја презедов фунцијата државата беше сред политичка криза чие решавање бараше години и бројни патувања во Скопје. Почнавме со изјава дека нема да има проширување на ЕУ, а сега пет години подоцна оставаме реален и жив европски пат за Западен Балкан, вели еврокомесарот Хан во интервјуто.
ЕУ, додава Хан, ќе продолжи да се залага за европска интеграција на регионот, не поради човекот што ќе го води ресерот за проширување туку поради јасниот интерес на европската унија.
Јоханес Хан ќе остане еврокомесар и во новиот состав на ЕК, но ќе биде задолжен за буџет и администрација. Ресорот проширување и добрососедска политика треба да го преземе досегашниот министер за правда на Унгарија Ласло Трошани.