Лекарите и другиот здравствен персонал најавија протест за в среда откако во изминатите недели се случија неколку напади врз медицинските лица во повеќе здравствени установи во Македонија.
-Доста е! Стоп за насилството врз медицинарите“ – е мотото под кое здравствените работници в среда ќе протестираат на хелиодромот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Протестот го организира Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, а присуство потврдиле и од Здружението на медицински сестри и акушерки.
Во вторник ќе се знае и на кои други места низ Македонија ќе има протест.
Во изминативе неколку години имаше неколку посериозни инциденти во кои пациенти и нивни роднини или пријатели физички напаѓаа лекари и медицински сестри, а во тие напади е користено и оружје. Но, последниот напад во Градската болница во Скопје се чини ја прелеа чашата на трпението кај здравстевните работници.
Ова е „жолт картон“, ако не се промени нешто и не се подобрат условите во кои работиме, а работиме во субстандардни услови, ние уште под закана од тупаници да носиме одлуки за нечиј живот, тоа го нема никаде. Затоа реагираме дека сме мета на определени општествени структури кои револтот го насочуваат кон здравствениот персонал. Ние немаме спонзори, ова е од ентузијазам, со цел да се подобри статусот на здравствениот персонал. Ние сме волонтерско здружение, кое има желба за подобро нешто“, велат од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти.
Инаку, министерот за здравство, Венко Филипче, вети дека ќе биде обезбедено професионално обезбедување за најкритичните болници, како што се Ургентниот центар, Клиниките за кардиологија и Токсикологија и за старата градска болница „Свети Наум Охридски“. Исто така екипи на МВР засилено ќе патролираат околу сите болници.
Тоа вчера било договорено на средбата кај министерот Оливер Спасовски на која просуствувале претседателот ка Лекарската комора Калина Старделова, министерот Филипче, претставници од Комората медицинските сестри и Здружение на млади лекари и специјализанти.