Скопската фамилија Ристовски е една од ретките во Скопје која се уште прави вино на традиционален начин. Традицијата се пренесува од дедо на татко, од татко на син, но технологијата е секогаш иста. Горан Ристовски за 24 инфо вели дека секоја година купуваат од еден до два тони грозје од Валандово од кое прават домашно вино. Горан како агроном од пред извесно време почнува да работи на префинетиот вкус на трајниот производ и покрај црвено вино прави и розе, кое всушност е најтешко за работа.
Време на берба и ставање на вино, но и време за дружење, вели Горан кој заедно со татко му ги затекнавме во дворот на семејната куќа како полека почнуваат да ги полнат бочвите со мелено винско грозје.
-Овој период од годината е празник за цело семејство. Виното ни е само повод за дружба. Околу грозјето се собира цело семејство, се прават гозби, се раскажуваат случки од минатото, а тоа веројатно го прави и виното подобро- вели Ристовски.
Чичко Геро со насмевка коментира дека рецептот е негов и дека наследниците само ја продолжуваат традицијата.
-Ако порано виното се ставаше во дрвени буриња, сега технологијата налага истото да се стави во иноксни буриња. Основната лекција за добро вино е само хигиена која мора да биде на највисоко ниво- вели Геро.
Грозјето од вреќите во кое е берено оди на мелење, а потоа рачките се одвојуваат од зрната за да виното биде поубаво и да не се расипе. Дел од ширата се одвојува веднаш и од зрната и од него се прави нивното розе вино. Останатото се става во буриња и тоа е за црвено вино.
-Виното врие и јас заедно со моите колеги винари го одредуваме вкусот. Веќе петта година по ред флашираме одредена количина кога ја оставаме за наредните генерации. Од хоби ставањето вино може да ни стане и професија, вели Горан.
До оваа година тие грозје купувале од Валандово, а од годинава планираат нивен насад во кривопаленечко. За оваа година планирани им се 1.000 килограми вино и околу 150 литри на ракија. Вели дека не продаваат туку подаруваат. Се додека од традицијата не направат бизнис тоа ќе биде така. Во нивната скромна винарија може да се видат шишиња вино правилно поставени и со етикети кои сведочат за бербата и квалитетот на грозјето од кое е произведено виното.
Ги оставивеме насмеани да со сомелат остатокот полни со желба оваа година виното да биде најквалитетно од сите досега и дека следната посета ќе биде на нивниот насад во професионална винарија.
Валентина Ангеловска
Фото: Слободан Ѓуриќ