Министерот за надворешни работи и потпретседател на Владата во оставка на Косово, Беџет Пацоли вели дека Русија и Србија посакуваат поделба на Косово, меѓутоа, како што порачува, „тоа нема да се случи никогаш”, јави дописникот на МИА од Приштина.
Реакцијата на Пацоли, која ја објави на својата страница на Твитер, уследи по изјавата на рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко, кој во интервју за утрешното издание на белградска „Политика” изјави дека не разбира „зошто поделбата на Косово би претставувала преседан во Европа”.
Според косовскиот вицепремиер и шеф на дипломатија, „единствениот преседан кој некогаш е направен во Европа е оној на Русија со агресијата врз земји на поранешниот Советски Сојуз”.
– Поделбата на Косово постои само во соништата на Кремљ и Белград. Но, тоа нема да се случи никогаш. Територијалниот интегритет на Косово е недопирлив. Ќе го признаете тоа порано или подоцна, порача Пацоли.