Златна ВЦ школка од 18 карати е украдена преку ноќ од дворецот Бленхајм каде е роден Винстон Черчил, јави Би-би-си.
Разбојници провалиле во палатата околу 4:50 часот во раните утрински часови и го украле ова уметничко дело, соопшти полицијата.
Златната ВЦ школка наречена „Америка“, засега не е пронајдена, но во врска со настанот уапсен е 66-годишен маж.
Школката е дел од изложбата на италијанскиот концептуален уметник Маурицио Кателано што беше отворена во четвртокот.
Кражбата резултирала со значителна штета и поплавување, бидејќи школката била вградена во подот и поврзана со цевки. Всушност, таа била целосно функционална, а уметникот претходно ги поканил посетителите да ја користат што повеќе.
Нејзината вредност се проценува на повеќе од 5 милиони долари, пренесе Си-ен-ен.
Палатата од која е украдена златната ВЦ школката се наоѓа на списокот на светско наследство и е родно место на Винстон Черчил. Додека истрагата е во тек, таа ќе биде затворена за посетителите.
Во каталогот за изложбата се вели дека делото може да се гледа и доживее како коментар за социјалната, политичката и економската разновидност на Соединетите држави.