ИФФК „Браќа Манаки” четири децении доследно го чува и почитува наследството што го оставија Јанаки и Милтон Манаки. Ви честитам бидејќи сте вистинските репрезенти и афирматори на филмската уметност и воопшто, на културата во Република Северна Македонија, во Европа и во Светот, истакна претеседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и свечено го отвори јубилејното 40-то фестивалско издание.
Во своето обраќање до публиката од државата и странство Пендаровски, кој воедно е покровител на ИФФК „Браќа Манаки”, рече дека штом еден фестивал ќе доживее 40 години, тогаш за него не велиме дека е стар, туку дека го пронашол трајно своето место во културата на една држава, на еден народ.
-Четириесетгодишниот јубилеј, секако, е резултат и на прецизно конципираниот репертоар низ годините. Филмската уметност е ангажирана уметност која, меѓу другото, зборува и за совеста на општеството. За мене и за многумина, филмските уметници се контракултурните херои кои на филмското платно адресираат дел од најгорливите прашања на нашето време ‒социјалната неправда, човечкото достоинство, бегалците, дискриминацијата, екологијата… Доволно е да ја прелистаме програмата, за да видиме дека огромен број од филмовите се посветени на доминантните теми во светот и кај нас. Тие не само што нè замислуваат, туки и нè охрабруваат да се бориме против рамнодушноста и исклученоста од животот, нè инспирираат да ја почитуваме различноста и со тоа да создаваме општество на еднакви граѓани, кое нуди иста шанса за сите. На сите оние што на каков било начин биле или се денес дел од фестивалот, најмалку што ви посакувам е и во следните 40 години „Браќа Манаки” да биде водечки фестивал во филмската уметност не само во нашата земја туку и надвор од неа, нагласи шефот на државата Стево Пендаровски.
На сцената во Битола со долготраен аплауз беше поздравен лауреатот од САД кинематограферот Едвард Лакман кој со одлука на фестивалот ја доби наградата Златна „Камера 300″ за животно дело, а ДФРМ го награди композиторот Љупчо Константинов кој го доби прознанието „Голема ѕвезда на македонскиот филм”.
За делото на браќата Манаки, за фотографското и филмско наследство, за придонесот на македонската филмска уметност во светот вечерва во Битола говореа и министерот за култура Хусни Исмаили и градоначалничката Наташа Петровска.
Според програмата, во НУ Центар за култура-Битола во тек е проекција на филмот во конкуренција „Болка и слава” на Педро Алмодовар.