При вонреден инспекциски надзор со дрон, инспекторите на град Скопје извршија снимање на територијата на општината Сарај и забележаа лице кое врши спалување на органски материјал. Со помош на дронот е направена снимка од процесот на спалување на отпадот, инспекторите го идентификуваа лицето и против него ќе биде поднесена пријава.
Сторен е прекршок по член 24а и казнив по член 139 став 1.4 од Законот за управување со отпад. Казната за овој прекршок изнесува 1.000 евра.
Од градот информираат дека дронот ќе биде секојдневно ангажиран за снимање на теренот и за откривање на загадувачите на воздухот. „На дронот има и камера за ноќно снимање, па со него ќе се вршат прелети и во текот на ноќта за лоцирање на критичните точки кои предизвикуваат загадување. Инспекторите се континуирано на терен, организирани во дежурства, и ја следат состојбата со загадувачите на животната средина.
Потсетуваме дека сите земјоделци од скопските општини може да се пријават на телефонскиот број 071 395 395 и на вработените во град Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден од 8 до 20 часот, а градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собере нивниот растителен отпад и ќе го одложи во „Дрисла“. Оваа активност е дел од заложбата за спречување на палењето на стрништата и на растителниот отпад од нивите, а со цел заштита на воздухот од загадување“, се вели во информацијата од град Скопје.