Новинар што го обзнани целиот случај „Рекет“, пред една недела отвори и тема дека „од УБК се украдени компромитирачки снимки на познат скопски бизнисмен со малолетнички“, а потоа и „дека роднина на бизнисменот бил убедуван да плати рекет кај Боки“, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на денешната прес-конференција.
Како што рече тој, ова отвора повеќе дилеми за тоа кој изнесувал податоци од УБК, кој се бил дел од рекетот и најстрашното, дали македонски бизнисмен навистина имал компромитирачки материјали со малолетнички.
„Имајќи предвид дека, ако е точно, институциите имале сознанија за последното, за злоупотреба на малолетници, наместо да реагираат, снимката била употребена за рекетирање на бизнисмени, тогаш целиот систем на власта, и правен и морален, е колабиран“, посочи партискиот портпарол.
Стоилковски рече дека по една недела откако покренал сомнеж и го повикал ЈО да го разгледа овој случај, од таму има само молк.
„Македонија е соочена со Републички Јавен Обвинител, кој што признава и работи по наредби од притвореник, но нема намера да истражи можна злоупотреба на малолетници, ниту пак да одговори дали евентуално украдените компромитирачки снимки за бизнисмен биле резултат на легално или нелегално следење и снимање“, кажа портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека оваа ситуација е далеку од тоа што Република Македонија може да го издржи и дека поради тоа се потребни итни избори.