Возобновената пинг-понг школа на пинг-понгарски клуб „Крива Паланка 2007″ преку активирање на младинските категории ќе работи на популаризација и омасовување на овој спорт во градот.
-Ова е клуб што дал многу репрезентативци и големи имиња во пинг-понг спортот во Република Северна Македонија. Ние од минатата сезона настапувајќи во првата лига со повозрасни членови, заедно со мене, ја вративме на старите патеки клупската историја, па продолжуваме во ист ритам. И оваа сезона ќе настапиме во првата лига, но сакам и да направиме добра база на млади членови кои ќе ги учат основите на спортот, но и ќе работиме на нивно усовршување и понатаму, вклучување во натпревари. Вршиме упис на нови членови, од пет до десет години, а вратите на клубот се отворени секој понеделник, вторник и четврток, од 19 часот во малата сала на Партизан, ООУ „Јоаким Крчовски”, изјави Мартин Стаменковски, претседател на клубот.
Од школата на ППК „Крива Паланка 2007″ потекнува познатиот македонски репрезентативец и повеќекратен државен првак, Кристијан Станојковски, кој од оваа сезона ќе настапува за клуб во Германија.