Советот на јавни обвинители денеска на вонредната седница, која беше продолжение на таа од саботата на која се одлучуваше за разрешувањето на Катица Јанева, донесе одлука за престанок на мандатот на обвинителите во Специјалното јавно обвинителство и нивно прераспределување во обвинителствата од кои претходно дошле.
Како што информира денеска на прес-конференција претседателот на Советот, Ацо Колевски, престанокот на нивниот мандат е согласно членот 9, став четири од Законот за СЈО.
Колевски истакна дека Советот констатирал престанокот на статусот на помошници обвинители на Јанева и оти на обвинителите Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска, Артан Ајро, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Љубомир Лапе, Стефчо Донев, Трајче Пеливанов и Елизабета Јософовска им престанува функцијата во СЈО.
Тој посочи дека одлуката стапува во сила од денеска.
Согласно денешната одлука Бурим Рустеми се враќа во ОЈО Куманово, Елизабета Јосифовска во ОЈО Гостивар, Љубомир Лапе во ОЈО Куманово, Стевчо Донев во ОЈО Кочани, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Ленче Ристовска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро се враќаат во ОЈО Скопје, а за Лиле Стефановска е донесена одлука за престанок на мандатот во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и таа се враќа ОЈО Радовиш. За тоа што ќе се случува со предметите на СЈО, Колевски посочи дека тоа спаѓа во надлежноста на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, за кој рече дека има право определен предмет да распределува на други јавни обвинители.
– Временото упатување е една работа. Тоа ќе дојде на дневен ред отпосле, меѓутоа во овој момент зборувам за доделување на конкретни предмети за работа на конкретни јавни обвинители. Тоа право го има согласно Закон за јавно обвинителство и тоа може да биде засега привремено решение во однос на постапување, а во догледно време со проширување на бројот на јавнообвинителски места во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе се донесе соодветна одлука, изјави Колевски.
Во однос на одредбата од Законот за СЈО со која обвинителите треба да се вратат во обвинителства каде имаат слични примања, Колевски рече Законот за СЈО се уште е во правна сила и од тие причини не може да се примени одредбата за нивно распоредување според споредливи лични примања.
Тој посочи дека државниот јавен обвинител Љубомир Јовески не учествувал на денешната седница на Советот, бидејќи тој бил исклучен во однос на разрешувањето на Катица Јанева од специјален јавен обвинитл, поради судир на интереси затоа што пред ОЈО е поведена и кривична постапка против неа.
– Ние немаме право да се мешаме во неговата работа, но доколку се укаже некаква потреба ние сме на располагање да помогнеме полесно да се реши проблемот. Јовески е член и ќе побараме да го извести Советот за ситуацијата со примопредавањето на предметите и со јавните обвинители, кои што планира да им ги додели на работа, изјави Колевски.
За статусот на останатите вработени во СЈО, Колевски рече дека тоа прашање е во домен на Министерството за правда.
Тимот на Јанева, избран во октомври 2015 година го сочинуваа обвинителите Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска, Артан Ајро, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Љубомир Лапе, Стефчо Донев, Трајче Пеливанов и Елизабета Јософовска. На почетокот на 2016 година, иако првично избрано, Јанева побара да бидат отстранети обвинителките Марија Ѓоргева и Лејла Кадриу.