И покрај малиот македонски телекомуникациски пазар сепак постои интерес за влез на нов играч, стои во анализата „Трет мрежен мобилен оператор во Македонија – дали и кога?”, што денеска ја објави Институтот за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ.
Темата за влез на нов мрежен мобилен оператор, како што наведува Институтот, е актуелна повеќе од една деценија, а е актуелизирана по спојувањето на вториот и третиот оператор.
– Владата се фали со постигнувањата во ИТ секторот преку обезбедување услови за проширување на пазарот со влез на трет мрежен оператор. Но, ваквите околности се чинат неповолни за постоечките провајдери чија комоција на пазарот би била предизвикана од зголемувањето на конкурентноста. Кон ставот на Владата се приклучи и АЕК од каде што информираа дека лани заинтересираност за влез покажал извесен Јелоу мобајл. Потсетуваме дека пред десетина години, интерес покажа и турскиот Туркел кога даде понуда за купување на Космофон пред да се преименува во Оне. Минатата година пак, бугарски Виваком покажа интерес за купување на Македонски Телеком. Ова значи дека и покрај малиот македонски телекомуникациски пазар, сепак постои интерес за влез на нов играч. Од земјите во регионот, Словенија е речиси иста со Македонија и по население и по територија, но располага со четири мрежни мобилни оператори, за разлика од нашите два, се вели во анализата.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во обраќањето на ITU Телеком минатата недела, претставувајќи податоци за состојбата на пазарот, информираше дека сѐ уште има неискористени делови од него кои може да ги пополни дополнителен мобилен оператор.
Според податоците од Државниот завод за статистика на кои се повикува во анализата ИНРЕКОМ, во земјава околу 92 проценти од лицата меѓу 15 и 24 години, користеле мобилен телефон. Државава минатата година се најде на трето место по остварен мобилен сообраќај. Во земјава лани, на месечно ниво се разговарало во просек по 316 минути.
– Рекордери во Европа по зборување на мобилен телефон, од 2012 година досега се Турците, со околу 444 минути месечно во просек. Вкупниот број на претплатници во Турција е околу 81 милион, а процентот на пенетрација во мобилната телефонија околу 99 отсто. На второ место по остварен мобилен сообраќај се наоѓа Бугарија со 317 минути, а Хрватска е на четвртото место со 261 минута во просек. Во Европа мобилните претплатници просечно разговараат 242 минути на месечно ниво. Вредноста на просечен приход по корисник (ARPU) за мобилни корисници во 2018 година на месечно ниво во Европа беше 18,15 евра, стои во анализата на ИНРЕКОМ.