Со проекција на македонскиот филм „Исцелител“ започнаа Деновите на македонска култура во Будимпешта, кои се организираат по повод 30 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта.
Деновите на македонска култура во Будимпешта преставуваат серија настани кои пред унгарската публика ги претставува најквалитетните македонски културни дострели во последните неколку години. Организатор на манифестацијата е Лекторатот по македонски јазик во соработка со Здружението на Унгарците – Теледом од Скопје.
Деновите на македонска култура во Будимпешта се поддржани од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Амбасадата на Република Северна Македонија во Будимпешта.
На отворањето на манифестацијата, лекторот Златко Панзов истакна дека „Деновите на македонска култура во Будимпешта“ треба да станат традиционални, имајќи ги во предвид добрите македонско-унгарски културни врски градени во текот на изминатите неколку децении, со надеж дека македонската култура ќе биде редовен културен избор за унгарската публика во иднина.
Амбасадорот на РСМ, Горан Стевчевски ја поздрави ваквата иницијатива укажувајќи на важноста на ваквите културни настани за подобрување и засилување на врските меѓу двете земји и искажа голема благодарност до Златко Панзов, лектор по македонски јазик за промовирање на македонскиот јазик и култура во Унгарија.
Наредните денови унгарската публика ќе има можност да проследи избор на македонски кратки филмови од млади македонски режисери, Сашо Поповски Трио ќе одржи џез концерт во познатиот Budapest Jazz Club, а манифестацијата ќе биде затворена со промоција на унгарскиот превод на романот „Вештица“ од Венко Андоновски, кој доживеа огромен успех и две изданија во Унгарија.