Европа никогаш не го губи трпението, изјави претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер пред средбата со британскиот премиер Борис Џонсон посветена на Брегзит.
Денешната средба во Луксембург со Јункер ќе биде прва откако Џонсон ја презеде функцијата во јули.
Според најавите, Џонсон ќе му пренесе на Јункер дека Велика Британија не е подготвена да бара одложување на Брегзит после 31 октомври.
Секретарот за надворешни работи Доминик Рааб рече дека премиерот ќе истакна дека сака договор, но за тоа мора да има „одредена финалност”. Сепак, поранешниот министер Дејвид Гаук за Би Би Си истакна дека не постои детален план кој би бил алтернатива на спорниот заштитен мхенизам за ирската граница.
На работниот ручек во Луксембург ќе присуствува и преговарачот на ЕУ за Брегзит Мишел Барние, како и британскиот секретар за Брегзит Стив Баркли и британскиот преговарач Дејвид Фрост.