Со оставање пораки за пратениците на четири специјално поставени огласни табли, средношколци и претставници на малдинските организации и ограноци денеска во Собранието на Република Северна Македонија го одбележаа 15 Септември – Меѓународниот ден на демократијата. На настанот, во организација на Клубот за младински прашања и политики со поддршка од Националниот демократски институт (НДИ), се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери кој порача дека само активните граѓани се чувари на демократијата и водилка за општествени промени.
– Бидете вие таа водилка, а ние, политичарите ќе бидеме вашата поддршка и сила. Охрабруваме и поздравуваме различни видови на младински активизам и придонес за општеството, затоа што веруваме дека демократија, без формите на активизам и без активно учество на граѓаните, пред се на младите во процесите на креирање на политики, е ранлива и секогаш на раб на опстанок, рече Џафери.
Денеска, додаде тој, со гордост ги поздравуваме младинските иницијативи кои добиваат награди во светот, кои се посветени на подигнување на свеста за спречување на насилството, за животната средина и за правата на лицата со попреченост, но и ги охрабруваме, особено вас драги средношколци што денеска сте наши гости во Собранието, да се активирате, да создавате иницијативи, да ја искористите сета своја креативност за да придонесете кон општествените промени.
– Бидете моторот што ќе го отвора патот кон поубава и посреќна иднина, за сите што живееме во оваа прекрасна земја која иако мала по територија, ги има сите предуслови да биде земја за пример. Тоа што сме мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално општество е огромна предност за нас, затоа што тие различности не збогатиле со спознавањето на убавината да научиш да живееш и градиш иднина со различните, да ги разбираш и почитуваш обичаите на другите, да ги празнуваш заедно празниците и да сочувствуваш тогаш кога се несреќни. Бидете солидарни, отворени и полни почит за секој поединец, затоа што само преку инклузија на сите ќе создадеме услови за економски, социјален и културен развој. Бидете гласот на помалку моќните, затоа што слободата на говорот е човечко право и е темелот врз кој е изградена демократијата, без слобода на говор, нема демократија, потенцира Џафери.
Пратеничката Слаѓана Митовска од ВМРО-ДПМНЕ, која е дел од Клубот за малдински прашања на Собранието, посочи дека принципот на еднаквост и еднаков третман пред законот, валадеењето на правото и правично судење ја сочинуваат основата на секое демократско општество.
– Демократијата е безсмислена без учеството на народот, а учеството во задничките политички работи е предуслов за изградба на демократски систем, рече Митовска.
Нејзината колешка од СДСМ Ивана Туфекџиќ појасни дека Клубот е формиран за креирање на законот за младинско учество на кој, како што рече, работат заедно со младинските организации и претставници на партиските подмладоци.
– Целта на формирањето на Клубот беше во Собранието да се надминат партиските поделби при креирањето на младинските политики, рече Туфекџиќ.
На настанот беа претставени учесниците на тимот составен од средношколци и студенти кој ја изработи апликацијата „спикаут” за елиминирање на меѓуврсничкото насилство и поттикнување за пријавување на насилството во училиштата, како и млади од различни форми на активизам за различни теми кои се значајни за општеството.