Министерот за култура Хусни Исмаили денеска оствари работна средба со амбасадорот на Бугарија во земјава Ангел Ангелов, на која заклучиле дека културните врски меѓу двете соседни земји се традиционални, а регулирани со Спогодбата за културна соработка меѓу владите на двете земји од мај 2000 година и со програмите меѓу министерствата за култура што се потпишуваат на три години.
Како што соопшти Министерството за култура, тие очекуваат дека потпишувањето на новата програма, која го опфаќа периодот до 2021 година, ќе даде нов импулс во продлабочувањето на културните врски меѓу двете држави, кои и досега соработуваат во сите дејности од културата.
Покрај редовното гостување на бугарски уметници на фестивали во земјава и на македонски уметници во Бугарија, за одбележување е, како што се посочува во соопштението, соработката на Македонскиот народен театар со бугарскиот режисер Александар Морфов, а секоја година бугарски поети учествуваат и на манифестацијата Струшки вечери на поезијата.
– На средбата беше истакнато дека во рамките на Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на други јазици, поддржани се над 20 преводи од македонски на бугарски јазик на дела од повеќе автори, меѓу кои Киро Донев, Анте Поповски, Фросина Пармаковска, Давор Стојановски, Душко Родев, Гоце Смилевски, Влада Урошевиќ и други. Во изминатите години беше забележително учеството на бугарските ликовни уметници со самостојни и групни презентации на ликовните манифестации и колонии кои се организираат кај нас, како и реципрочните претставувања на македонските репродуктивни уметници. Двете земји досега имаат воспоставено одлична соработка и во областа на филмот, во делот на копродукции на филмови преку принципот на реципроцитет, информира Министерството за култура.
На средбата било нагласено и дека постои одлична соработка и на мултилатерален план, односно дека двете земји членуваат во Меѓународната фондација „Форум на словенските култури”, во Советот на министри од Југоисточна Европа, а реализираат и заеднички проекти во рамките на соработката со УНЕСКО.