Десетици припадници на Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА), како и припадници на српската Воено-безбедносна агенција (ВБА) деновиве се распределиле во северно Косово, со цел да дејствуваат и да ја следат ситуацијата во пресрет на изборите што на 6 октомври ќе се одржат во земјата, јави агенцијата КосоваПрес, повикувајќи се на сопствени доверливи извори во Зубин Поток, блиски на тие српски структури.
Истите извори, како што јави дописникот на МИА од Приштина, тврдат дека споменатите разузнавачи влегле од Србија во Косово преку алтернативни патишта, а се сместени во студентскиот дом близу техничкото училиште „Михајло Петровиќ-Алас” во Северна Митровица, како и во објектот на Црвениот крст и во Центарот за екологија и равој на спортот во Зубин Поток.
Центарот во Зубин Поток е изграден минатата година со финансии од Србија, а на неговата инаугурација, на која присуствуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ, како и по пуштањето во употреба, не им се дозволи пристап на новинари Албанци, поради што, според приштинската агенција, постојат сомнежи дека намената не му е само за „екологија и развој на спортот”.
– Ненад Коматина, Дејан Компировиќ и Бојан Димиќ, сите тројца високи функционери на БИА ангажирани за косовскиот север, се само некои од имињата на разузнавачите кои, заедно со нивните колеги од Србија, се наоѓаат во северниот дел. Првите двајца доаѓаат одвреме-навреме, додека Димиќ, кој е по потекло од Приштина, е постојано тука и престојува во хотелот „Греј” во Северна Митровица, тврдат неименуваните извори на КосоваПрес.
Според нив, српските тајни служби се мобилизирани таму поради претстојните парламентарни избори и вршат притисок врз раководителите на институциите во северно Косово, како и врз тамошните други влијателни личности од српска националност, за да обезбедат убедлива победа на Српската листа (СЛ), партијата која има отворена поддршка и работи според инструкциите на официјален Белград. Истовремено, српските разузнавачи одблизу ги следат активностите на меѓународните сили, КФОР и меѓународната правна мисија, Еулекс, како и на косовската полиција во тој дел од земјата.
Во придружба на агентите на БИА и ВБА, велат истите извори, се наоѓаат и „други луѓе од криминалните структури во северно Косово, раководени од ‘газдите на подземјето’ Звонко Веселиновиќ и Милан Радојчиќ, вклучително и ‘Цивилната заштита’ и нејзиниот челник, Стево Павичевиќ”.
– Има и некои Албанци кои, за високи суми пари, соработуваат со тие структури, давајќи им информации за борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК), листата на воени ветерани и слично, пишува КосоваПрес.