Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во разговор за МИА, вели дека е оптимист дека многу брзо ќе се најде компромис помеѓу политичките партии за законот за јавно обвинителство затоа што преголема е одговорноста во однос на добивањето датум за преговори, иако овој закон не е формален услов за тоа.
Каков е впечатокот по средбите во Брисел денеска, изводливо ли е да се добие датум во октомври?
Прво мислам дека беше важно да се имаат овие средби денеска и да се пренесе развојот на случувањата кај нас, меѓутоа и да се добие чувство за тоа што се случува во Брисел, со цел да го искористиме овој период од 29 дена максимално во корист на позитивна одлука. Средбите се оптимистички, позитивни, се разбира дека и ние ги презентиравме нашите аргументи и сметам дека доколку во наредните 29 дена не се направи некаква политичка грешка во државата и се донесе законот за јавно обвинителство, односно се постигне компромис помеѓу владата и опозицијата за овој закон, нема да има аргумент која било земја членка да каже не за одлуката за отпочнување на преговори.
Така викаше Владата и во јуни дека ниедна земја членка нема да има аргумент да каже не.
Мислам дека и во јуни немаше аргументи, одлуката беше одложена само затоа што Бундестагот немаше време да ја разгледа препораката на Комисија, меѓутоа од ниедна земја членка не добивме нов бенчмарк или ново условување или негодување за нашето портфолио, причината беше техничка.
Дали случајот Рекет ќе влијае врз одлуката во октомври?
Случајот Рекет е едно од прашањата што се покренува на секоја од средбите, дали со земји членки, дали со Комисијата. Меѓутоа јас ќе повторам дека случајот Рекет што на некој начин е криза, ние можеме да го претвориме во можност, со тоа што институциите ќе се соочат со него транспарентно и ефективно и ќе ги расветлат сите аспекти, без оглед која ќе биде завршницата на оваа истрага. Криминал и криминалци има секаде, разликата се прави во зависност од тоа дали имате институции што се справуваат со тој криминал. Мислам дека временски се погоди овој случај да ни биде како тест пред големата октомвриска одлука дали институциите созреаја со реформите од планот 3 6 9 и планот 18. Првичните случувања окол Рекет укажуваат дека институциите се витални, пулсираат и не препознаваат веќе луѓе под и над законот туку исти се законите.
Мислите дека во јуни некои земји членки веќе беа информирани дека ќе има скандал во текот на летото и дека поради тоа беа воздржани за датумот?
Можеби биле информирани меѓутоа не сметам дека поради тоа одлуката е одложена, сметам дека единствена причина беше недонесување на одлуката од страна на германскиот Бундестаг и начинот на кој ќе се постават земјите членки кон Северна Македонија и Албанија.
Мислите дека има политички фигури инволвирани во скандалот Рекет, било од власта, било од опозицијата?
Не е добро јас да шпекулирам или кој било да шпекулира, треба ова да го оставиме на обвинителството, пораката што како политичари треба да ја испратиме е дека доколку има политичари или луѓе од која било позиција на моќ, тие не треба да бидат поштедени, тоа е основната порака што треба да ја испратиме. И дека независно каде ќе заврши ова прашање, одговорност мора да има за секого.
Добивте ли впечаток во разговорите овде во ЕУ дека би било добро да има некаква оставка од морални причини, на пример од оние политичари инволвирани во невладината на Боки 13?
Моралната димензија не е нешто за што одлучуваат објективните критериуми на Брисел. Тоа се повеќе нашите граѓани на гласањето. Тоа што го интересира Брисел е дали имате институции што непристрасно ги третираат прашањата на криминал и корупција, независно на која политичка позиција се наоѓаат. Тоа ги интересира и сметам дека таа порака треба ние да ја испратиме. Прашањето на моралната одговорност е прашање кое секој политичар го одредува во зависност од очекувањата на неговите гласачи.
Ако нема договор за законот за ЈО до 15 октомври, мислите ли дека тоа би можело да влијае врз датумот?
Формално ние немаме нов бенчмарк и условување за донесување на закон за јавно обвинителство. Формално. Меѓутоа повеќето земји членки го покренуваат како потреба и неопходност со цел да им се подобри позицијата при аргументирањето на Советот за општи работи на ЕУ. Така што, добро е да се донесе овој закон доколку сакаме да имаме чисто портфолио пред Советот. Меѓутоа, и сега, бидејќи основните два принципа зошто инсистираме на закон се: еден, да имаме институција што ретроактивно и проактивно ќе се занимава со корупција од високо ниво и два, ниеден случај од прислушувањата да не остане нерасветлен, односно политички да исчезне или да се руши. Овие два принципа, освен што различно се интерпретира во однос на законската основа, веќе на некој начин имаат гарантирана судбина дека ќе бидат третирани од страна на јавното обвинителство. Тоа што сум оптимист е дека има простор политичките партии да најдат компромис за законот и почитувајќи ги овие два основни принципа да го засноваат ново обвинителство за висока корупција каде ќе влегуваат и овие предмети од претходното СЈО.
Значи оптимист сте дека ќе се најде решение?
Јас сум оптимист дека многу брзо ќе се најде решение бидејќи сметам дека преголема ќе биде одговорноста и товарот на тој политичар или политичка партија што ќе ни ја одземе шансата за отпочнување на преговори со ЕУ.
Што мислите за предлогот на претседателката на ЕК за комесар за проширување, Унгарецот Трочањи кој е од Владата на Орбан која го штити Никола Груевски?
Видете Унгарија е еден од највокалните поддржувачи на проширувањето и сметам дека и новиот комесар доколку биде потврден од страна на Европскиот Парламент, ќе работи на перспективата Западен Балкан да влезе во ЕУ. Разликите што ги имаат земјите членки помеѓу себе во однос на почитување на европските вредности мислам дека не е прашање на кое ние треба да интерферираме, за нас ЕУ е едно тело со кое комуницираме. Кога ќе бидеме членки можеби ќе имаме различен став по однос на различни прашања, како се однесуваат земји членки, во овој момент сметам дека треба да ги почитуваме одлуките на Европската Комисија, да се фокусираме да се обидеме да ги исполниме внатре стандардите и да не создадеме непријатели од било која земја членка или било кој сосед.