Денешниот фестивалскиот ден на „Браќа Манаки“ започна со претставувањето на жирито кое ќе одлучува за добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300.
Годинава членови на жирито се: Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ и како што можете да забележите доминираат кинематограферите, рече при претставувањето на жирито, селекторот на главната програмата на Фестивалот и уметнички директор, Благоја Куновски – Доре.
За впечатоците и досега погледнатите филмови, како и за критериумите на нивните за одлуки при изборот на трите најдобри остварување во главната конкуренција тие беа согласни дека не може да се издвојат сликите од содржината.
„Критериумот за доделување на секоја награда е тешко да се одреди бидејќи е тешко да се одделат сликите од самата содржина на филмот. Кинематограферот може да создаде поетични или автентични слики кои раскажуваат приказна, но ако изостанува актерството тоа ќе се изгуби. Значи сепак ја гледате големата слика. Сте избрале силни филмови и изборот ќе биде тежок, но нема да има влијание од тоа што голем дел од филмовите се наградени во Кан или во Берлин. Затоа е важно да има фестивал од овој тип бидејќи се дава признание конкретно за начинот на кој што ја раскажувате приказната. Проблемот со Оскарите, барем за камерата е што 80 проценти од Академијата се актери и тие не разбираа реално што е камера. Тие гледаат само убави слики. Не разбираат дали е дигитализирано и затоа филмот како „Пи“ и „Аватар“ на Камерон добија награда за најдобра камера, а тие се целосна анимација“, рече Лакман, кој е и претседател на жирито.
Според членовите на комисијата ако нема добра соработка со актерите и режисерите, тогаш нема ниту финален резултат и рекоа дека ќе се обидат да дадат се од себе да го препознаат реквалитетот на добрата слика во најдобрите филмови.
Слаѓан Пенев, селекторот на програмата „Европски перспективи“ ги претстави авторите од Филмскиот центар од Црна Гора Иван Мариновиќ и Сехад Чекиќ. Оваа година има 5 филма од Црна Гора на фестивалот. Тоа е земја во фокус.
„Нашиот центар за филм поддржува филмска продукција, членови сме на Медиа деск и Еуроимаж. Има големи промени во последниве години, постигнавме многу. Имаме поголем буџет што е многу важно за Центарот, преговараме и да го зголемиме буџетот, започнавме со копродукција“, рече Чекиќ.
Иван Мариновиќ е кинематографер на филмот „Игла под прагот“ и рече дека филмот е одлично примен и покрај предизвикот дека црниот хумор кој преовладува во филмот нема да биде целосно сфатен во странство, бидејќи е специфичен за овие простори.
Кинематограферот на филмот „Ним им е добро“, Силван Хилман од Швајцарија на денешната средба со новинарите рече дека се приклучил една година пред да почне снимањето.
„Режисерот сакаше да направи филм за Цирих, кој е градот во кој и двајцата живееме и на некој начин ова е портрет на градот. Идејата за статични кадри беше заедничка, имавме мал буџет, но најдовме перспектива која нема да биде воајеристичка, туку опсервирачка“, рече Хилман.
Специјалната проекција на филмот „Џезмен“ на Аљоша Симјановски беше предмет на денешниот разговор помеѓу авторот и Гена Теодосиевска. Тие разговараа за џезот како едно духовно секојдневие, Велибор Педевски-голем љубител на џезот, кому му е посветен филмот, Скопскиот џез фестивал.
„Филмот премиерно беше прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“, а скопската премиера ќе се одржи во рамките на „Скопскиот џез фестивал“. Снимен е на неколку локации, Скопје, Њујорк, Софија, Белград. Во овој момент создена е идејата да се направи филм за Велибор Педевски, едната линија на филмот е „live story“, другата е џезот како форма и третата е новите технологии во музиката и џезот. Снимивме 10 големи ѕвезди на џезот и сите одговорија на сценаристичката замисла. Имаме квалитетна фотографија, имаме техника која е врвна, а МРТВ, благодарение на Велибор Педевски ја има најголемата архива за џезот“, рече Симјановски.