Русија соопшти дека е неприфатливо да се зборува за евентуална одмазда за нападите врз саудиските нафтени постројки и ги повика земјите во регионот и пошироката меѓународна заедница да не брзаат со заклучоци. Тие тврдат дека е контрапродуктивно да се користи тој инцидент за да се зголемат тензиите со Иран.
– Веруваме дека е контрапродуктивно да се искористи она што се случи за засилување на тензиите околу Иран во согласност со добро познатата американска политика. Предлозите за преземање строги мерки за одмазда, за кои се дискутира во Вашингтон, се уште понеприфатливи, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Русија смета дека размената на напади врз цивилни цели е „директна последица на жестокиот воен конфликт и политичката криза во Јемен”.
Кремљ ги повика земјите од Блискиот исток и пошироката меѓународна заедница да не брзаат со заклучоци во врска со тие напади.
– Ги повикуваме сите земји да се воздржат од какво било дејствие или избрзан заклучок што може да ја влоши ситуацијата, туку напротив, да заземат став што ќе придонесе за нејзино смирување, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песко.
Тој најави дека рускиот претседател Владимир Путин треба да оствари официјална посета на Саудиска Арабија во октомври. – Датумот ќе биде објавен подоцна, рече Песков.