Врховниот суд на Русија ја потврди 14-годишната затворска казна за шпионажа за полскиот државјанин Маријан Раѕајевски, се вели во соопштението на Федералната служба за безбедност (ФСБ).
„На 12 септември, рускиот Врховен суд ја разгледуваше жалбата поднесена од одбраната, како и нејзините аргументи и донесе одлука да ја поддржи пресудата на Градскиот суд во Москва во врска со полскиот државјанин Маријан Раѕајевски, прогласен за виновен според Член 276 од рускиот Кривичен законик (шпионажа )“, се вели во соопштението.
Раѕајевски беше прогласен за виновен за обид за стекнување со одредени тајни компоненти од ракетниот систем С-300 и нелегално да ги пренесе во Полска, што претставува вистинска закана за националната безбедност на Русија. Тој беше фатен на дело додека се обидувал да склучи договор.
„Иследниците докажаа дека Маријан Раѕајевски постапил во интерес на водечкиот снабдувач на Полска за националните вооружени сили и разузнавачките агенции“, посочи ФСБ.
На 25 јуни, Градскиот суд во Москва го осуди Раѕајевски на 14 години во затвор со максимално обезбедување. Неговата одбрана поднесе жалба до Врховниот суд на Русија, барајќи обвинението да се прекласификува од шпионажа во обид за шверц на материјали и опрема што може да се користи при производство на оружје (Член 30.1 и Член 226.1.1 од рускиот Кривичен законик) , така што казната на полскиот државјанин би можела да биде ублажена.