Педесет млади од студијата „Break a leg”, „Eat the beat” и „Aqua dance club” одржаа танц битка во Аеродром, пред Капитол мол во саботата, покажувајќи дека покрај физичките и здравствени придобивки танцувањето им помага да откријат нов јазик на меѓусебно разбирање.
Тие се движеа и натпреваруваа меѓу себе исполнети со позитивна енергија и радост. Самата битка преставуваше нов начин на комуникација каде преку ритам и музика ги урнаа стравовите на јавен настап, се запознаа со нови лица, создадоа пријателства и разговараа меѓу себе.
Како што појаснија за МИА организаторите на оваа акција, таа е само една активност од една поширока програма, чија цел е да се да ја зголемат свеста за придобивките од танцот и физичката активност кај децата, особено во денешно време кога младите генерации живеат пред телефоните, во вирутелен свет, не се движат доволно и не комуницираат доволно со своите врсници.
Првата танц битка беше во организација на трите студија, а „Break a leg” и „Eat the beat” планираат понатаму да ги продолжат, како што велат овие герила активности, со цел да ги поттикнат граѓаните да размислуваат за продобивките од танцот и да отворат една поширока општествена дебата за зголемување на физичките активности кај најмладите.
Тие нагласуваат дека танцот отсекогаш бил значаен дел од човековата култура, некои археолошки откритија покажуваат дека тој постоел во Индија пред 9.000 години и Египет пред 5.300 години, а во модерно време, кога живееме динамично и брзо, кога исхраната не ни е секогаш на највисоко ниво и кога не сме активни физички, танцот може да има клучна улога, посебно кај младите.
-Танцот е еден од начините каде на детето му се овозможува да ја развие својата моторика, а во исто време да го активира мозокот преку учење на движења каде се развива логиката, памтењето преку движењата и имагинацијата и креативноста. Преку движењата и музиката кај децата се надградува и емоционалната интелигенција, посебно преку тимската игра. Така се втемелува когнитивниот и психичкиот развој кој им помага на младите во формирање на нивната сопствена личност во понатамошниот раст и созревање, вели Андријана Петковски од „Break a leg”.
Симона Веселиновска Карадаковска од „Eat the beat” порачува дека натпреварите се многу важни за децата.
-Танцувањето пред публика, соочувањето со конкуренцијата на подиум и дружење со истата надвор од подиумот се голема мотивација за напредок во танцувањето, а истовремено децата се соочуваат со чуствата како е да се биде најдобар, како е да се биде победен, па и последен и како да се носат со секоја победа и пораз, предизвици кои се дел од секојдневниот живот, додава таа.
Според Емилија Достинова од „Aqua Dance club” комуникацијата игра голема улога кај децата, исто како и кај возрасните.
-Така се учиме да ги разбереме луѓето за работите што ги сакаат, што им требаат, кои се нивните соништа. Нашите млади си допишуваат и комуницираат преку екран и затоа тоа што го видовме на Танц битката беше одлично. Така ги кршат бариерите, со танцот, и почнуваат да разговараат едни со други на поразличен начин, преку ритам и движења. Тоа е целосно нов јазик за нив и многу ми е драго што со толкав интерес го прават и што секој ден сѐ повеќе и повеќе деца доаѓаат во светот на танцот, посочи Достинова.
Танцот ќе се развива и оваа година се очекува да кулминира на „Dance off” меѓународниот танц натпревар кој ќе се одржува на 15, 16 и 17 ноември во Скопје во А1 Арена СЦ „Борис Трајковски”.