Европската Унија реагира на последниот потег на режимот на Николас Мадуро во Венецуела со кој се исклучуваат опозициските сили. Режимот на Мадуро најави дека ќе креира национално тело со неколку опозициски и малцински партии, но без поддршката на Хуан Гуаидо, кој го предводи Националното Собрание и е признаен од САД и повеќе западни држави како привремен претседател до организирањето на легитимни и веродостојни избори во Венецуела.
ЕУ повторува дека секој процес во Венецуела мора да биде кредибилен и да биде резултат на компромис со опозицијата, стои во реакцијата на службата на ЕУ за надворешна политика.
-ЕУ продолжува да верува дека политички договорено решение е единствениот мирен и одржлив пат надвор од кризата во Венецуела. Меѓутоа за да успее и за да биде веродостоен важно е секој преговарачки процес да има доволно политичка застапеност, поддршка од Националното Собрание, како и јасна политичка цел на водење на земјата до кредибилни претседателски избори, изјави портпаролката на службата за надворешни работи, Маја Коцијанчич.
ЕУ ќе ги разгледува можностите за преземање нови мерки за “враќање на демократијата, владеењето на правото и човековите права” во Венецуела, додаваат од кабинетот на шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.
-ЕУ повторува дека поддржува инклузивен и сериозен процес свртен кон резултати, стои во реакцијата.