Членовите на власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците со меѓусебни препукувања за Предлог закон за Академија за судии и јавни обвинители.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека со овој Предлог закон власта има намера целосно да го партизира процесот на избор на судии и јавни обвинители.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски рече дека ова законско решение предвидува во органите на Академијата и во комисијата за прием и завршен испит да членува претставник од Министерството за правда, предложен од министерот, кој што директно ќе влијае во процесот на селекција на кандидатите.
Тој обвини дека СДСМ повторно и на овој закон како и на многу други досега, го злоупотребува европското знаменце со цел да ја ограничи расправата и на мала врата да го протне законот.
Поради тоа, како што рече Милошоски, ќе испратат писмо до претставниците на Европската Унија и до надлежниот Директорат во Брисел, со цел да ги информираат за злоупотребата на европското знаменце во овој случај.
Неговиот сопартиец Зоран Илијоски претходно на прес-конференција посочи дека власта со овој закон предвидува дури 70 од вкупно 100 поени, да се добиваат пред Комисија, по субјективна проценка, во која комисија влијание има минисерот за правда.
-Ова значи дека власта на овој начин до јуни 2020 година планира да избере стотина или повеќе „подобни” обвинители и судии, рече Илијоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека на СДСМ не им е битно државава во иднина да има професионални и независни судии и обвинители, туку подобни судии и обвинители.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека ова законско решение е многу штетно и не го подобрува правниот систем туку дополнително ќе го партизира и уништи.
Снежана Калевска Ванчева од СДСМ рече дека многу и е чуден пристапот кога законско решение веднаш се критикува од аспект на можни злоупотреби.
Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски го прекина обраќањето на Калевска Ванчева, бидејќи пратениците од опозицијата и упаѓаа во збор и даде половина час пауза.
Донесувањето на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, се вели во законското образложение, произлегува од потребата за реформа на судството во Република Северна Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, стратегиската цел на Република Северна Македонија за членство во ЕУ и НАТО и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.
Основната намера на Владата на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија налага продолжување на реформите во областа судство и негово натамошно унапредување.
Основната цел на предлагањето на овој закон е содржана како стратешка цел во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор дефинирана како: воедначување на судската пракса преку зголемен обем на обуки на судиите во рамките на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, нови законски критериуми за состав на органите на управување и раководење на Академијата, како и редефинирање на начин на полагање на приемниот и завршниот испит врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на знаењата на кандидатите.
Од наведените причини, се оцени дека е неопходно да се пристапи кон изработка на нов текст на закон од причина што истиот би претрпел менување на повеќе од 80 отсто од одредбите, се посочува во законското образложение.