Еврокомесарката за трговија Сесилија Малмстром, изрази загриженост дека е можна нова трговска ескалација помеѓу Брисел и Вашингтон, овој пат поради спорот околу Ербас и Боинг.
Двата гиганти на авиоиндустријата со години наназад се обвинуваат меѓусебно за нелегални државни субвенции, и, доколку не изнајдат взаемен компромис, би можеле да влезат во спирала на рестриктивни мерки и контра-мерки за неколку недели.
-Имаме доволно царини во светот и вака, така што воведување взаемни царини, на што имаме право според правилата на Светската трговска организација, не би било добро решение. Им понудивме на САД да се договориме за компромисно решение и да видиме што можеме да направиме за да се дисциплинираме, изјави еврокомесарката Малмстром за медиумите.
Светската трговска организација (СТО) смета дека двете страни се виновни за субвенционирање на своите авиогиганти и двете страни имаат право да воведат казнени мерки. САД би ги вовеле првите царини кон средината на октомври, а ЕУ би имала право да возврати шест месеци подоцна. Поради ризикот од нова трговска војна меѓу двата блока, Европската Унија се обидува да ги убеди Американците да постигнат компромисно решение за да се избегне уште една ескалација.
-Но за сега САД не даваат знаци дека се подготвени за преговори, истакна Малмстром.
Вашингтон од СТО бара дозвола за царини од над една милијарда долари додека Брисел бара 12 милијарди санкција. СТО најверојатно ќе ги намали овие износи, но спорот се чини неизбежен.
Од европска страна, на ова се гледа како “типичен” метод на претседателот Доналд Трамп, кој посегнува прво по царински санкции пред да влезе во преговори, велат дипломатите во ЕУ. Што значи дека европски производи наскоро повторно ќе бидат оданочени.
САД минатата година ги зголеми царините врз увозот на челик и алуминиум, а се заканува и со нови царини врз европските автомобили. ЕУ возврати со контра-мерки врз низа американски производи.