Социјалистите во Европскиот парламент даваат силна поддршка за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, истакна претседателот на Партијата на европските социјалисти и поранешен премиер на Бугарија, Сергеј Станишев по денешната средба со вицепремиерката и заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.
– Се радувам што гледам позитивни промени во земјата. Историскиот Договор од Преспа и Договорот за доброседство со Бугарија се многу важни чекори напред кон ЕУ. Од името на социјалистите, и денеска и вчера на средбата со премиерот Заев ја пренесов категоричната поддршка за носење одлука за почеток на преговорите во октомври. Државата и народот го заслужуваат тоа, рече Станишев.
Граѓаните заслужуваат подобар живот и затоа го охрабрувам премиерот Заев да продолжи со позитивните внатешни реформи, за социјално подобрување, за повисоки плати, за владеење на правото, за ред и закон и никој да не биде над законот. Такви чекори се преземаат и тоа заслужува почит, вели Станишев.
Земјава, според него, е многу добар пример и за другите во регионот за тоа како треба да се решаваат проблемите.
Во однос на Договорот со Бугарија, Станишев кажа дека разговорите почнале уште во времето кога тој беше премиер со тогашниот макеоднски премиер Никола Груевски. Но, Груевски секогаш бараше причина да нема напредок и да не се постигне договор. Заев, пак, за неколку месеци направи решителни чекори напред и солидна основа за пријателство и соработка. Знам дека е потребно време, конструктивност, разбирање и дијалог. Потребно е време и за комисијата за историски прашања преку дијалог да се дојде до резултати, смета Сергеј Станишев.
Заменик претсдеателката на СДСМ и вицепремиер Шекеринска изјави дека и во изминатиот период Партијата на европски социјалисти даваше голема поддршка за промените кои и беа неопходни на земјата.
– Констатиравме дека нашата држава во последниве две години направи џиновски чекори напред во поглед на исполнување на генерациската цел – членство во ЕУ и НАТО. Договорите што ги постигнавме со Бугарија, а потоа и со Грција, какои и крупните промени на домашен план во делот на слобода на медиумите, човекови права, транспарентност на Владата, беа чекори кои нашата држава ја покажаа во сосема ново и многу подобри светло. Како резултат на овие крупни промени успеавме да бидеме на чекор до членството во НАТО и се надеваме многу брзо и држава која ќе ги почне преговорите за членство со ЕУ. Го чекаме октомври со голема доза на амбициозност и оптимизам и ни беше задоволство и денеска што чувме дека и социјалистите и демократите во Европскиот парламент силно ќе ја поддржат одлуката ЕУ да започне преговори со РСМ, рече Шекеринска.
Прашана за законот за ЈО, за односот на опозицијата, и за ставот на Брисел во контекст на носење на одлуката за старт на преговорите, Шекеринска кажа дека ЕУ подолго време ни испраќа стандардна препорака – немојте да се фокусирате на закони, фокусирајте се на она што се вистински промени, дека клучната работа е да се обезбеди целосна истрага и целосно транспарентна и позитивно оценета судска постапка.
– Она што е добро и мислам дека тоа ќе биде силен аргумент во полза на нашиот почеток на преговори е тоа дека со новите решенија практично ги обезбедивме сите случаи од СЈО да имаат судска разрешница, никој да не може да користи административни или некакви судски процедурални причини за да ги негира и сега сите работи се во рацете на судството. Ние како Влада кажавме дека сакаме да се донесе новиот закон за ЈО, измените кои беа предложени покажавме извонредна флексибилност. Затоа што сметам ова прашање е над сите партиски или лични интереси. Така ќе продолжиме и понатаму да дебатираме. Премиерот и во своите изјави покажа со какви се предлози сака да ја остави практично опозицијата без простор да бара оправдување и да бега од одговор. Меѓутоа за жал договор нема. Сметаме дека политичката одлука на Владата да не се меша во судството, одлуката на владата и сите коалициони партнери да не бараат специјални привилегии од обвинители или од судии, таа порака е примена, не само во Брисел, туку и во главните градови на клучните земји, изјави Шекеринска.