Американскиот претседател Доналд Трамп остана на ставот дека Иран стои зад нападот во Саудиска Арабија, но истакна дека ска да избегне судир и оти треба да се почека додека не се дознае сигурно кој е извршителот.
После средбата со бахреинскиот принц наследник Салман бин Хамад Ал-Калифа, Трамп рече дека е решен да му помогне на својот саудиски сојузник, но оти сака да избегне војна со Иран.
– Изгледа дека Исламската Република ги гаѓала нафените постројки во Саудиска Арабија, но сакаме тоа да го потврдиме со сигурност, рече Трамп.
Американскиот претседател претходно го „прозва” Иран во врска со нападот на нафените постројки во Саудиска Арабија, доведувајќи ги во прашање тврдењата на Техеран дека нема ништо со тој напад.
– Сетете се кога Иран собори дрон, тврдејќи дека бил во нивен воздушен простор, а всушност не беше ни блиску. Цврсто се држеа до таа приказна знаејќи дека тоа е голема лага. Сега велат дека немаат ништо со нападот во Саудиска Арабија. Ќе видиме ?, напиша Трамп на Твитер.
САД вчера објавија снимки од сателит, а цитираа и податоци од разузнавачки агенции кои тврдат дека Иран стои зад нападот врз саудиските нафтени постројки.
Иран негираше вмешаност во воздушните напади што се случија во саботата, а претходно бунтовниците Хути во Јемен, кои имаат поддршка од Иран, ја презедоа одговорноста за нападите.
Неименувани американски официјални претставници кои комуницираат со американски и меѓународни медиуми, рекле дека насоката и обемот на нападот не укажуваат на тоа дека е можно Хутите да го извршиле нападот.
Изворите разговарале со Њујорк Тајмс, Еј-Би-Си Њуз и Ројтерс. Еден од нив рекол дека имало 19 точки на удари на целите и оти нападите дошле од запад и северозапад, а не од Јемен, кој е јужно од Саудиска Арабија.
Официјални лица, кои ги цитира Њујорк Тајмс, рекле дека во нападите биле користени комбинации на беспилотни летала и крстосувачки ракети, но сите не ги погодиле целите – постројката за преработка Абкаик и нафтеното поле Хураис.
Инцидентот доведе до глобално намалување на резервите на нафта за пет проценти и предизвика зголемување на цените на нафтата. По првичното зголемување, дојде до стабилизацијата на цените откако американскиот претседател Доналд Трамп овозможи пуштање во промет на американските резерви.