Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека ќе го почитува законот, но и покрај тоа Обединетото кралство ќе го извади од Европската унија на крајот од октомври, со или без договор, пренесоа британските медиуми.
Законот, што во текот на овој месец беше донесен од британскиот Парламент, од Џонсон очекува да побара од ЕУ тримесечно забавување на Брегзит, доколку договорот не биде одобрен до 19 октомври, и покрај тоа што информациите на британските медиуми кажуваат дека неговата екипа бара начини да го заобиколи.
Во интервју за Би-Би-Си прашан како ќе го заобиколи законот, Џонсон одговори: Ќе го почитувам Уставот, ќе се потчинам на законот, но на 31 октомври ќе излеземе од ЕУ. Животно важно е луѓето да сфатат дека Обединетото кралство нема да бара продолжување… тоа што ќе го направиме е – на 31 октомври да излеземе од ЕУ, со или без договор”.
Премиерот, меѓутоа, не ги откри деталите за тоа како има намера да го избегне барањето за одложување на Брегзит, доколку не се постигне договорот со ЕУ.
Запрашан од Би-Би-Си дали Велика Британија е стабилна држава или е западната во хаос, Џонсон кажа дека земјата е „исклучително стабилна”.
-Минавме период на уставни измени, предизвикани од одлуката на луѓето да ја напуштат ЕУ. Тоа секогаш ќе биде логистички и практично тешко … но ние ќе го направиме и ќе го направиме до 31 октомври, рече Џонсон.