Населението во Србија ќе се намали за 15 проценти или еден милион граѓани во текот на следните три децении, рече денеска Саша Ранѓеловиќ, професор на белградскиот Економски факултет, jави Бета.
Во презентацијата на билтенот „Квартален монитор” за влијанието на демографскиот пад врз економскиот раст во Србија и регионот, тој нагласи дека намалувањето на две третини од населението од тој број ќе биде резултат на негативен природен раст и една третина на емиграцијата.
„Се проценува дека до 2050 година, населението во Србија ќе се намали за 5 проценти како резултат на емиграцијата, така што само Албанија и Летонија ќе имаат поголемо намалување на популацијата заради емиграцијата”, рече Ранѓеловиќ.
Тој додаде дека „остриот пад на населението, исто така, ќе влијае на намалувањето на контингентот на работна сила во Србија за околу една петтина”.
Поради падот на населението и неговото стареење, како и падот на продуктивноста, рече тој, просечната стапка на раст на БДП по глава на жител во Србија во текот на следните три децении ќе биде пониска за околу 0,8 процентни поени.
„Тоа значи дека БДП по глава на жител ќе се намали за речиси една четвртина до 2050 година”, рече Ранѓеловиќ.