Италијанската партија Пет Ѕвезди во преговори со европските Зелени за членство

Партијата на Зелените во Европскиот Парламент најави дека е подготвена да преговара со владејачката италијанска „Пет Ѕвезди” за приклучување во нивната група.

Најавата дојде пред неколку недели од врвот на парламентарната група на Зелените, а од вчера и официјално се конкретизира. Зелените во ЕП соопштија дека сега кога „Пет Ѕвезди” не е повеќе во коалиција со екстремната десница тие се отворени за разговор.

Партијата „Пет Ѕвезди” не припаѓа на ниту една политичка група во Европскиот Парламент, но има хибриден идеолошки профил, често опишуван како популистички. До неодамна партијата беше дел од друга европска политичка група, „Европска слобода и директна демократија”, каде членуваат десничарски и ултра десничарски политички партии.

До падот на владата во Италија пред неколку недели, „Пет Ѕвезди” владееше заедно со екстремната десница на Матео Салвини, „Лига”.

Најавата од страна на Зелените предизвика незадоволство во нивните редови, некои европратеници отворено се против оваа идеја. Дамиен Боселагер од германските Зелени на Твитер изрази неверување дека се преговара со, како што ја нарече, „диктаторска” партија.

Меѓутоа зачленувањето на Италијанците во групата на Зелените би им донела поголемо политичко влијание, со дополнителни четиринаесет европратеници во нивните редови. Со истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ, Зелените во ЕП ќе изгубат неколку европратеници и ризикуваат да ја загубат позицијата на четврта политичка група во Парламентот.

Треба да знаете
Последни објави