Поранешниот претседател на КФСМ, Петар Наумоски најави тужба против новите челници на федерацијата поради обвинувањата на негова адреса, дека „федерацијата во минатото плаќала и магацински простор, на поранешниот простор кој го користел Наумоски за приватни цели, во износ од околу 500-600 евра месечно“, пренесува „Спортмедија“.
„Пред се би сакал да ги информирам дека ќе добијат допис од моите адвокати, јавно да се извинат за изнесените превртени зборови и работи. Ако тоа не го сторат, ќе си добијат соодветна тужба, па во суд нека го докажуваат она што го зборуваат. Јас само би ги прашал: Дали федерацијата имала, има и ќе има потреба од магацински простор? Дали користела магацински простор“ – прашува Наумоски.
Според него, во изминативе 4 месеци има толку глупи, несмасни, неискусни и против кошаркарски одлуки донесено, што навистина ретко која раководна структура би можела да ја направи.