На денешната, тринаесетта седница на Советот за имплементација на стратегијата за реформи во правосудството, беше презентирана информација за разговорите за обезбедување мнозинство за донесување на Законот за Јавното обвинителство.
Министерката за правда, Рената Дескоска, информираше за текот на разговорите, за решенијата за статусот на обвинителството надлежно за гонење висока корупција, за прашањата поврзани со Специјалното јавно обвинителство, за критериуми за избор на обвинители и за други прашања отворени за време на разговорите.
Членовите на Советот за имплементација на Стратегијата за реформи во правосудството едногласно им препорачуваат на политичките партии и пратениците во Собранието дека избор на шеф на било кое јавно обвинителство на предлог на политичките партии, вклучувајќи ја опозицијата е решение кое отвара врата за политизација во јавнообвинителскиот систем.
Постапка во која политички партии, односно опозицијата би предлагала јавен обвинител, може да обесхрабри квалитетни обвинители да се јават на конкурсот за шеф на обвинителството. Поради тоа, Советот препорачува да не се прави исклучок за било кое јавно обвинителство и да се задржи уставниот принцип Советот на јавни обвинители да ги избира шефовите на јавните обвинителства.