Код на обвинителот Љубомир Јовевски му постави прашање поврзано со гласините дека Јанева присуствувала на примопредавање на 500 илјади евра кои првоосомничениот за рекетот Бојан Јовановски ги примил од луѓе на Орце Камчев.
-Таков момент јас не знам и не е потврден со докази,рече обвинителот Љубомир Јовевски.
КОД: Каде завршиле парите? Барем оној дел, милион евра од торбата Луј Витон?
Јовевски: Тоа е уште дел од истрагата. Се одвива финансиска истрага. Проверени се определни жиро сметки на лицата кои се осомничени, сефови и други околности.
КОД: Како знаете дека не завршиле кај политичарите?
Јовевски: Досега нема таква насока, од она што е обезбедено како докази во истрагата. Ние за да тврдиме дека завршиле кај некои политичари, некои граѓани или определени организации- ние треба да имаме докази.Се додека немаме докази не можеме да тврдиме дека парите завршиле кај определно лице.
КОД: Дали има и други повикани политичари за кои јавноста не знае?
Јовевски: Не знам зошто тоа прашање е толку еве да кажам актуелно. Извинете бидејќи сега ќе ја прекршам презумпцијата на невиност, но доколку ние отворивме истрага и го баравме притворот за еден наш колега, за специјалниот јавен обвинител, зошто би поштеделе некој политичар доколку има потреба.
КОД: Дали сте повикале некој адвокат, некој судија во истрагата за рекетот затоа што имаше некои наводи за инволвираност иако не можевме да видиме со свои очи таков документ?
Јовевски: Да, точно е дека има такви наводи. Јас во моментот не знам каков е планот и распоредот на обвинителката Русковска и веројатно ќе ги повика тие лица.
КОД: Видовме дека излегоа и документи од распитот, дали ќе направите истрага и кај Вас, но и во судот бидејќи таму не е спроведена интерна истрага. Како се излезени тие документи?
Јовевски: Ние во врска со обелоденувањето на тие искази кои што се тајни во делот на постапката утврдивме следен факт: дека предметот односно записникот од судските списи, од тој записник е снимано. Меѓутоа ние не можеме да тврдиме дали тоа е направено во обвинителството или во основниот суд каде се носени одлуките за притвор, дали тоа е направено во апелациониот суд во процесот на жалба бидејчи одел и во вишото јавно обвинителство во Скопје. Ние уште го истражуваме начинот како е направена таа снимка, но тоа го отвори прашањето за стручна и професионална судска и обвинителска служба, како и за судии и обвинители со интегритет.
Државниот обвинител во интервју за КОД истакна дека ЈОРМ не е надлежно за покренување на постапка за испитување на финансиските активности на СЈО и дека за тоа има надлежниинтитуции задолжени за ревизии на финансиското работење.
-Сега навистина е неблагородно ова јавно обвинителство да влезе во делот на финансиското работење на СЈО. Тоа по мене би добило сосема друго значење- дека ние настојуваме тоа обвинителство да го укинеме и да влијаеме во неговата самостојност во работењето, истакна државниот обвинител Љубомир Јовевски во интервјуто за КОД на ТВ Телма.
Јовевски истакна дека не ги знае платите во СЈО и како се формирани, но дека нема зошто да ја крие неговата плата која со додатокот за стаж (минат труд) изнесува околу 80 илјади денари.
Целиот линк прегледате го тука: https://telma.com.mk/kod-i-sudii-i-advokati-spomnati-vo-iskazite-za-reketot-mozhe-da-zavrshat-na-raspit-kaj-ruskovska/